Лидерите на 27-те земји членки на ЕУ попладнево пристигаат во Брисел за вонреден самит посветен на војната во Украина. Главната цел е усвојување на втор посилен пакет на санкции против рускиот режим откако тој ноќва ја нападна Украина.
Високи дипломатски извори за МИА велат дека ќе се разговара и за Западниот Балкан на денешниот ЕУ самит. Безбедносната проценка е дека не е исклучен ризик од дестабилизација поради руско-украинската војна, јави дописничката на МИА од Брисел.
„Јасно е дека постои безбедносен ризик во регионот, оваа закана ја сфаќаме многу сериозно, рече дипломатот, кој додаде и дека за темата се разговарало на состанокот на Г7 групата денеска“, јави МИА.
Европската Унија вечерва ќе се стреми кон единство во својот одговор и санкции кон Русија, објаснуваат дипломатите кои денеска интензивно ги брифираат новинарите пред почетокот на ЕУ самитот.






