Ве сакаме покрај нас – Фон дер Лајен со поддршка за Македонија

Иднината на Македонија е во Европската Унија и ве сакаме покрај нас, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Скопје.



На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев таа рече дека земјава постигнала извонреден напредок и донела храбри одлуки.

„Сакам да бидам јасна дека сега Европската Унија треба да испорача. Изодевте толкав пат, ајде сега да направите уште еден чекор понапред. Имате толку многу пријатели во ЕК, наша заедничка цел е до крајот на годинава да се одржи првата заедничка меѓувладина конференција. Има добри идеи за кои вреди да се размисли“, рече претседателката на ЕК фон дер Лајен.

Таа се осврна и на финансиската помош и вакцините што земјава ги доби за справување со ковид кризата и повика на масовна вакцинација на населението.

„Знам дека испораката на вакцините беше бавен процес, но еве вакцини стигна, а во наредниот период ќе има нови количини“, рече фон дер Лајен.