ВД директор на АМС од ДУИ исплатил рекордна сума на тетовски извршител

Вкупно околу 800 илјади евра од кои околу 380 илјади се казнени камати исплатил државен функционер на ДУИ на извршител од Тетово.



Агенцијата за млади и спорт за еден ден му исплатила 50 милиони денари на сметката на извршителот Дашмир Саити од Тетово, а 22,13 милиони денари од оваа сума се за казнени камати.

Според висината на сумата на основицата и каматата најверојатно се работи за една од најголемите присилни наплати што ги направил еден извршител од државна институција.

На 10 септември годинава со потпис на директорот се извршени осум трансакции од кои најголемите се 27,3 милиони и 22,13 милиони денари.

Трансакциите се случиле во момент кога актуелниот пратеник Дарко Каевски со одлука на Влада од 11 август повеќе не е директор на АМС а владата го најави екс ракометарот Наумче Мојсоски за нив директор на АМС.

Потписот на рекордната трансакција го ставил вршител на должност на оваа функција инаку кадар на ДУИ Измит Нура.

Од Агенцијата за млади и спорт потврдуваат дека е реализирано ова извршно решение и дека се работи за загубен судски спор, но поконкретно не соопштуваат кој е тужителот и која е причината за долгот, нита пак од кога датира.

“Причина за исплаќање на трансакциите се судски одлуки во кој Агенцијата за млади и спорт беше тужена страна во постапката. На име основен долг е исплатено 27.301.983 денари. На име казнени камати е исплатено 22.129.623. На име награда за извршно дејствие 217.710 денари”, гласи одговорот од АМС даден за фактор.мк каде прво беше објавен најновиот скандал.

„Фактор“ стапил во контакт и со извршителот Саити, кој ги потврдил овие трансакции, но не можел да дава детали затоа што тој го застапувал тужителот и немал право да зборува во негово име.

Агенцијата за млади и спорт има годишен буџет од околу 8 милиони евра кој сега е драматично загрозен.