Васко Ковачевски, генералниот директор на ЕСМ, побара од топланата Скопје Север која ги загрева училиштата и домаќинствата во северните скопски населби да врати 425.000 евра, доколку сака да биде потпишан нов договор за деловно-техничка соработка за новата грејна сезона.
Овие пари биле дадени како позајмица од ЕСМ лани за топланата да набави природен гас за минатата грејна сезона, во меѓувреме потрошувачите си ги плаќале сметките, но парите не се вратени.
„Ем бараат помош, ем не ги исполнуваат обврските. За минатата грејна сезона од јануари до април, исплатени беа 425.000 евра од ЕСМ, но по првите сознанија, сега тие побаруваат околу милион евра и плус ако има дополнителни побарување. Средствата не се вратени, а греењето и сметките се испорачани. Граѓните си ги платиле сметките, но парите не се вратени на ЕСМ. Во заклучокот на новиот договор се вели дека тој не ги исклучува обврските од претходниот договор“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека утре пред раководството на топланата, предводено од директорот Куштрим Рамадани, ќе бидат прикажани новите мерки и договор за деловно-техничка соработка, но при тоа ќе се бара да се испочитуваат старите обврски.
„Нема да има нов договор, доколку не се завршат претходните обрвсрки. Нема рок кога треба да се склучи овој договор. Треба да се запишат прво сите правни обврски и да се назначи прокурист кој ќе води евиденција за тоа што се работи таму“, напомена Ковачевски.
Владата вчера ги задолжи електрани да склучи договор за деловно-техничка соработка за грејната сезона 2022/2023 година за правата и обврските на Скопје Север АД Скопје.







