Американските разузнавачи проценуваат дека Русија ги засилува подготовките за целосна инвазија на Украина и дека веќе располага со 70 отсто од силите потребни за таква операција, според американските официјални лица, пренесуваат медиуми.
Москва веќе распоредила 110.000 војници долж границите на Украина и може да има доволно капацитет да започне офанзива за две недели, според официјални лица кои ги информираа избраните членови на американскиот Конгрес и американските европски партнери во последните денови.
Тие велат дека американското разузнавање не утврдило дали рускиот претседател Владимир Путин одлучил да оди во офанзива или не, но дека сака да биде подготвен за сите можни опции, од делумна инвазија на сепаратистичката енклава Донбас до целосен напад.
Со темпото со кое руската војска продолжува да се зајакнува околу Украина, Путин ќе има доволно сили за голема инвазија, околу 150.000 луѓе, во средината на февруари, предупредија тие.
Ако рускиот претседател ја избере најдрастичната опција, тој би можел да го опколи Киев, главниот град на Украина, и да го собори претседателот Владимир Зеленски за 48 часа, според овие официјални лица.
Двајца американски официјални лица, под услов да останат анонимни, изјавија за новинската агенција Ројтерс дека временските услови ќе ѝ овозможат на Русија да изврши напад помеѓу 15 февруари и крајот на март.
Според проценките руската инвазија на Украина може да предизвика дури 50.000 цивилни жртви. Тие, исто така, проценија дека нападот може да доведе до пад на украинскиот главен град Киев за неколку дена и да предизвика бегалска криза во Европа.






