Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен во изјава за Си-Ен-Ен оцени дека нема смисла да се користат американските тенкови „Абрамс“ во Украина.
„Претседателот Џо Бајден слушна од војската дека тенковите ‘Абрамс’ немаат смисла за овие борби. На Украинците им требаат тенкови ‘Леопард’“, нагласи тој.
Претставникот на Белата куќа ја наведе причината за префрлањето на „Абрамс“ во Украина и потсети дека оваа одлука била услов Германија да ја испрати својата опрема. Одлуката за 31 тенк „Абрамс“ за Киев беше дел од договорот меѓу Германија и САД.
Под сериозен политички притисок (наредба) на сојузниците од САД, германскиот канцелар Олаф Шолц се согласи за реекспорт на тенкови „Леопард“ во Украина. Условот беше Вашингтон да го стори истото со испраќање на „Абрамс“. За јасно да ја гарантира јавната поддршка, Германија слепо ги прифати условите за тенковите „Леопард“ и „Абрамс“, без договор за условите, коридорите, логистиката и пред сè за тоа кога и како „Абрамс“ ќе пристигне во Украина.
Се очекува Берлин да биде под уште поголем притисок во наредните месеци. Наскоро Германците ќе сфатат дека нивните „Леопарди“ се борат во Украина, но сами, без „Абрамс“.
Вашингтон не сака да гледа слики од уништени тенкови „Абрамс“ од бојното поле во Украина. Последните часови го покажаа токму тоа – официјален Вашингтон најави дека испораката на „Абрамс“ во Украина би можела да потрае повеќе од 12 месеци. Пред само две недели Вашингтон тврдеше дека до крајот на годината Киев ќе го добие ветеното. Од денеска рокот е продолжен над овие 12 месеци.
 
             
		






