По Кил и Веспрем, нов (пре)висок пораз на ракометарите на Вардар на гостувањата во Лигата на шампионите, овој пат од 35:25 во реваншот со Кјељце за губење на второто место во групата Б.



Катастрофално второ полувреме одигра ослабениот македонски првак без својот најдобар играч Даинис Криштопанс и по водството на Полјаците од 17:14 на крајот од првото заврши со двоцифрена негатива.

Тимур Дибиров со 9 гола од 13 обиди, Сташ Скубе со 6/8, капитенот Стојанче Стоилов со 5/7 и 18-годишната голманска надеж Марко Кизиќ со четирите одбрани во вториот дел дадоа малку боја во сивото издание на „црвено-црните“ кај традиционално незгодниот ривал.

„Црвено-црните“ се гости и во следниот круг в сабота од 17:30 часот, а домаќин ќе им биде претпоследниот во групата Мешков Брест.