Катастрофалната серија на ракометарите на Вардар во Лигата на шампионите е заокружена со седми пораз во низа, овојпат во Загреб со 23:22, со што му го препуштија шестото место во групата А, последно што води во елиминациската фаза.
На „црвено-црните“ не им беа доволни ни пресвртот во второто полувреме, откако домаќинот го доби првиот дел со 14:12, ни максималното водство од 21:18 во 52. минута, ни предноста од 22:21 три минути подоцна, ни двата напада во последната минута, ни тајм-аутот 13 секунди до крајот.
И во двете свои последни акции вардарци му ја подарија топката на хрватскиот првак, кој сега е шести со 6 бода, еден повеќе од македонскиот шампион, кој последен пат сезонава во ЛШ славеше против Олборг (30:28) на 29 септември!
По паузата поради Европското првенство во Унгарија и во Словачка, на кое ќе учествува и Македонија, елитното клупско натпреварување за двократниот европски шампион ќе продолжи на 16 февруари кај лидерот Монпелје!






