Ракометарите на Вардар на реваншот во Загреб на 31 август ќе патуваат со предност од 24:20 по првиот натпревар во Скопје од двомечот со хрватскиот првак за пласман на завршниот турнир од СЕХА-лигата.
Солидната позитива петкратниот регионален шампион ја обезбеди со двата гола во последните триесетина секунди од мечот во арената „Јане Сандански“ пред повеќе од илјада свои навивачи гладни за ракомет по антиковид рестрикциите.
Анте Кудуз и Тимур Дибиров со по 7 погодоци го предводеа до триумфот составот на Веселин Вујовиќ, во кој на голот значаен придонес даде Мартин Томовски со своите 7 одбрани.
На спротивната страна до минатата сезона вардарецот Иван Чупиќ со 8 гола беше прв стрелец на мечот.
Подобриот од македонско-хрватската пресметка ќе избори настап на фајналфорот што ќе се одржи од 3 до 5 септември во Задар.






