Ослабениот Вардар му даде силен отпор и се бореше докрај против Монпелје пред да загуби со 31:27 во натпреварот без резултатско значење од последното коло во ракометната Лига на шампионите.



И да победеше, бранителот на европската круна немаше да се помести од шестото место во групата Б, последното што води во осминафиналето, поради триумфот на Порто од 35:32 на гости кај Мешков Брест.

„Црвено-црните“ одлично го отворија мечот, поведувајќи со 5:1 по девет минути игра, а на полувреме беше 14:13 за гостите од Франција. Тимот на Стевче Алушовски од 23:28 се доближи до 27:28 три минути пред крајот, но немаше сили за пресврт.

Капитенот Стојанче Стоилов беше најефикасен кај европскиот, регионален и македонски шампион со седум гола од девет обиди. Сергеј Горбок го одигра најдобриот натпревар сезонава, остварувајќи ефект 6/9, но при последниот погодок за 27:28 ја обнови повредата.

Во случај на пораз на Пик Сегед вечерва во Барселона, Унгарците ќе му бидат ривал на Вардар во осминафиналето.