Вардар по 15. пат го крена пехарот за ракометниот првак на Македонија

Со триумфот од 37:25 над Тиквеш во својат а арена „Јане Сандански“, ракометарите на Вардар ја освоија 15. шампионска титула во 30. првенство на Македонија, седма во низа за двократниот европски првак.



Тимур Дибиров и Филип Талески со по 10 гола, 21-годишното десно крило Ален Ќосевски со 6/7 и две асистенции и голманот Мартин Томовски со четирите одбранети седмерци го одбележаа последниот првенствен настап на „црвено-црните“ сезонава.

Дуелот со кавадарчани беше последен за Вардар за браќата Кевин и Оливие Њокас, за Жереми Тоту, за Бакари Дијало и за Стефан Додиќ, кои пред мечот добија врамени црвено-црни дресови со нивните презимиња.

Во новата сезона за најтрофејниот македонски ракометен колектив, кој неодамна го освои и својот 15. трофеј во Купот на Македонија, ќе дебитираат засилувањата Жилберто Дуарте (лев бек), Божо Анѓелиќ (среден бек), Павел Андреев (пикер) и Нејт Цехте (десен бек).