Уште едно разочарување од ракометарите на Вардар во Лигата на шампионите, во која не успеаја да го совладаат ни Елверум, играјќи само нерешено 34:34, и тоа во арената „Јане Сандански“.



Над четири месеци чека двократниот европски првак на првата победа сезонава во елитното натпреварување по сега веќе сензационалната од 31:26 над Флензбург дома на 15 октомври 2020 година.

Шанса за да се прекине постот е реваншот со норвешкиот шампион в среда истот така во Скопје, а дотогаш „црвено-црните“ остануваат на дното во групата А со само 4 бода, еден помалку токму од Елверум.

На составот на Стевче Алушовски за целиот плен не му беа доволни ни водството од четири гола (30:26), со кое влезе во последните 10 минути, ни извонредниот Марко Кизиќ и неговите 12 одбрани.

Триумфот го испушти капитенот Стојанче Стоилов во 59:34 минута, кога при минимално водство не реализира „зицер“, а противникот погоди во претпоследната секунда!

Анте Гаџа го одигра најдобриот меч во дресот на Вардар, завршувајќи го со 8 гола од 11 обиди, Иван Чупиќ запре на 6/8, Стоилов на 5/6, а Дибиров на 4/8.