Ракометарите на Вардар се единствената екипа што ќе игра на завршниот турнир од СЕХА-лигата и во нејзиното јубилејно десетто издание, благодарејќи на подобриот скор во меѓусебните дуели со Загреб.



Рекордерот со пет титули во регионалното натпреварување го загуби реваншот кај хрватскиот првак со 25:22, но ќе биде дел од фајналфорот во Задар на 2 и 3 септември поради триумфот од 24:20 во првата средба во Скопје.

„Црвено-црните“ во поголемиот дел од мечот имаа предност, на полувреме водеа со 12:10, а таа позитива ја имаа и во 51. минута (20:18), но во финишот му дозволија на домаќинот да се закани со целосен пресврт, пред Жереми Тото да стави точка на новиот пласман на Ф4.

Тимур Дибиров со пет гола од шест обиди беше најефикасен во вардаровиот напад, пред Тото со 4/4, а голманот Мартин Томовски запиша 12 одбрани, една од седмерец.

Противник во полуфиналето на составот на Веселин Вујовиќ ќе му биде Мешков Брест.