Вардар конечно потсети зошто е двократен освојувач на Лигата на шампионите во ракомет, нанесувајќи му убедлив пораз од 32:27 на украинскиот првак Мотор Запорожје, кому во СЕХА-лигата му се реваншира за високиот пораз од 30:23 во првиот дуел пред три недели.



Предводени од Анте Гаџа и неговите осум гола, два повеќе од Гоце Георгиевски и од Тимур Дибиров, „црвено-црните“ ја имаа контролата во текот на целиот натпревар во арената „Јане Сандански“, во кој максимално водеа со 31:24.

„Нашата цел беше да докажеме дека поразот во Украина не беше реален, бидејќи во Запорожје бевме далеку од најдоброто што го можеме. Чувствувам дека се креваме, играме подобро и се подготвуваме за најважниот дел од сезоната, кој е пред нас“, изјави Гаџа.

Со третата победа во петтата средба во регионалното натпреварување сезонава, Вардар се израмни со водечкиот Мотор и со Нексе во групата Б, кои исто така имаат по 9 бода, но Украинците и меч помалку.