Ракометарите на Веспрем ја оправдаа улогата на изразит фаворит против сегашниот состав на Вардар, совладувајќи го бранителот на трофејот со 35:27 во финалето на деветтиот завршен турнир од СЕХА во Задар.
Европскиот првак беше достоен противник во поголемиот дел од натпреварот со финалистот во Лигата на шампионите, во почетокот на второто полувреме беше 15:13 за Унгарците, но разликата во квалитет дојде до израз во остатокот од средбата.
За тоа се погрижи и голманот Родриго Коралес со неговите 14 одбрани, двојно повеќе од Борко Ристовски на спротивната страна.
Глеб Калараш беше најдобар во вардаровиот напад со 6/9, пред Патрик Валчак со 4/4 и Ловро Јотиќ со 4/8, а кај новиот регионален првак и на мечот се издвои Петар Ненадиќ со 5/7.
Вардар останува најтрофеен со пет пехари од своите осум финалиња во ова натпреварување, а Веспрем стигна до својот трет трофеј во четвртото финале.
Бронзениот медал го освои Мешков Брест со победата од 29:24 над Загреб во малото финале.





