Играјќи толку колку што е потребно, ракометарите на Вардар славеа и во реваншот со ППД Загреб, овојпат со 32:30, заверувајќи го четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Таму ќе ги чека подобриот од утрешниот осминафинален дуел од 17 часот меѓу ПИК Сегед и Висла Плоцк, во кој домаќинот влегува со предност од 32:30 од првиот натпревар во Полска.
Европскиот првак од предминатата година го реши патникот меѓу осумте најдобри екипи на стариот континент уште во првото полувреме, кое го доби со 19:13, а во средината на второто имаше и максимални 22:15. До крајот на мечот во СЦ „Јане Сандански“ тренерот Парондо го измеша составот, што гостите го искористија за да израмнат на 30:30 во 57. минута, пред Скубе и Чупиќ да им донесат нов триумф на „црвено-црните“ против загрепчани.
Токму Чупиќ со девет гола и само едно промашување беше најдобар кај македонскиот шампион, кому ова ќе му биде шести настап во четвртфиналето на ЛШ.





