Извонредниот старт во Лигата на шампионите сезонава ракометарите на Вардар го заокружија со триумф од 30:28 над европскиот вицепрвак Олборг во „Јане Сандански“ за прво место во групата А!



„Министерот за одбрана“ Борко Ристовски, кој влезе во игра во 12. минута, ја спушти „ролетната“ на својот гол, запирајќи 16 противнички удари, вклучувајќи три седмерца!

Гостите од Данска се заканија со серијата од пет гола без одговор за пресврт и водство од 8:4, а по 20 минути игра имаа предност и од 13:10, но по двата гола во почетокот на вториот дел за 18:16 двократниот освојувач на ЛШ не ја испушти позитивата до крајот.

Меѓу десеттемина стрелци во редовите на „црвено-црните“ прво име беше Оливие Њокас со 7 гола од 9 удари, Тимур Дибиров запре на 6/7, а Жереми Тото ги реализира сите пет обиди.

Одличната игра во нападот на составот на Веселин Вујовиќ ја илустрира и ефикасноста во ударите од 70 проценти наспроти 56 отсто на финалистот во минатата сезона.

Вардар е домаќин и третпа во низа на 13 октомври, кога во Скопје доаѓа некогашниот европски првак Монпелје.