Ракометарите на Вардар со една нога се во четвртфиналето на Лигата на шампионите по триумфот од 27:18 среде Загреб, па реваншот во Скопје в сабота од 19:30 часот ќе биде речиси обична формалност!



„Црвено-црните“ уште во првото полувреме покажаа зошто беа најдобар клуб во Евроопа во 2017 година, добивајќи го со 14:6!

Надмоќта на македонскиот и регионален првак ја илустрира податокот дека имаше реализација на ударите од 66 проценти, а тој ќе беше и повисок ако не беа седумте „посни“ минути во завршницата, кога тренерот Парондо го повлече најсилниот состав.

Голманот Милосавлев од самиот почеток на средбата ја спушти ролетната, ги излуди домашните играчи и го заврши мечот со 14 успешни интервенции.

Криштопанс и Карачиќ со по пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, за кој Мораеш четири пати се запиша во листата на стрелците.