Иако ништо не им значеше во резултатска смисла зошто сигурно ќе завршија петти во групата А, ракометарите на Вардар одиграа за своите навивачи и ја наградија нивната поддршка со триумф од 39:30 над Елверум на крајот од прелиминарната фаза во Лигата на шампионите.
Конечниот резултат не е реален одраз на настаните на теренот во арената „Јане Сандански“, бидејќи на полувреме беше само 17:16 за „црвено-црните“, во 52. минута 32:30, а во меѓувреме гостите од Норвешка водеа со 23:20.
Но, публиката не сакаше да чуе за пораз и, без оглед на тоа што салата беше полупразна, изврши позитивен притисок врз своите миленици, кои одговорија со фуриозна завршница за четврта победа во низа откога тимот го презеде Давид Дејвис.
Тимур Дибиров со 7/9 беше најрасположен во редовите на двократниот европски шампион, за кој браќата Оливие и Кевин Њокас заедно постигнаа 11 гола, а првенец во ЛШ запиша 18-годишниот Стефан Додиќ, додавајќи и 7 асистенции.
Во осминафиналето Вардар ќе игра со Веспрем, при што на 30 март ќе биде домаќин, а реваншот во Унгарија е на 6 април.






