
-На нашата средба со премиерот Ковачевски, тој истакна дека корупцијата ја има насекаде и може да се случи и во Европската Унија, и таа не е уникатна за некоја одредена земја, или за некое одредено правосудство. Но сметам дека треба да се гонат ваквите случаи, затоа што така се праќа порака до луѓето, дека доколку се впуштат во коруптивни дејствија нема да успеат, подвлече Варадкар.
Според него, како членки на ЕУ треба да го препознаат фактот дека корупцијата може да се случи и во нивната држава и во ЕУ.
Варадкар, одговарајќи на новинарски прашања, повторувајќи ја силната поддршка за зачленување на земјава во ЕУ, истакна дека оваа година ќе има нов состав на Европскиот парламент и Европска комисија, и оти би сакал отворањето преговори да се случи во мандатот на следната Комисија и следниот Парламент.
-Сметам дека тоа бара многу работа, тука во Северна Македонија, но ќе бара и соработка и помош и од другите европски држави. Би сакал да видам неколку земји што ќе се приклучат кон ЕУ во мандатот на следниот Парламент и следната Комисија. Сметам дека тоа ќе испрати силна порака до сите земји од регионот, дека преземањето чекори на европскиот пат, ќе бидат наградени. Не можеме секогаш да кажуваме дека нешто треба да се направи за да се приклучите кон ЕУ, а потоа да не се дозволи тоа приклучување. Сметам дека тоа е она што се случи со Украина, затоа треба да се забрзаат чекорите, а затоа е потребно забрзување од двете страни, забрзани реформи во земјава која сака да се приклучи, но и поголема подготвеност на ЕУ да прифати нови земји-членки, особено мали членки кои немаат голем број на население, и мислам дека нема да го попречат буџетот и системот што може да се случи со некое поголемо проширување, рече Варадкар.





