Вапцаров: „Треба да ја изградиме националната свест на Македонците, да се впрегнеме во македонското дело!“

„Актуелен и денес – НИКОЛА ЈОНКОВ ВАПЦАРОВ“ – вели универзитетската професорка од Институтот за национална историја Наташа Котлар во објавата на својот фејсбук-профил, потсетувајќи на тестаменталното значење на рефератот на Никола Јонков Вапцаров, што тој го прочита на основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во октомври 1938 година.

Историчарката Котлар укажува на главните насоки за организираното дејствување на групата писатели собрани во овој кружок, за што Никола Јонков Вапцаров ќе каже во тој свој реферат: „Ќе не’ прогонуваат, ќе не затвораат и ќе не убиваат само затоа што сме Македонци и што си го браниме своето. Ќе дојде ден кога ќе негираат и дека воопшто сме постоеле и како ништо од ова да не се случило (…) И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

Инаку, во својата колумна со наслов „Пoраките на Никола Јонков Вапцаров“, објавена на 21.7.2021 година, писателот Раде Силјан напиша: „Никола Јонков Вапцаров (Банско, Пиринска Македонија,1909-1942, Софија) е знаменито и многустрано прифатливо и гласовито поетско име. Неговото дело се слави кај нас, во Македонија, за која заносно пееше, тагуваше и копнееше; неговото дело се слави и во Бугарија на чиј јазик е напишано.“

Писателот Силјан во својата колумна нагласува уште еден блескав став, кој го има искажано Вапцаров во својот споменат реферат, прочитан на основачкото собрание на Македонскиот литературен кружок во октомври 1938 година: „Треба да ја изградиме националната свест на Македонците. Светот треба да разбере дека сме ние одделна нација, одделен народ, со свои особени квалитети што не одделуваат од другите Јужни Словени.“

Натаму, Силјан во таа колумна нагласува: „Самочувство за националната припадност на Вапцаров е особено изразено во песните напишани во неговата младост, каде што со восхит пее за убавините на својата татковина, распослани меѓу Пирин, Струма, Преспа, Шара и Воден. Во возбудливите стихови од циклусот ‘Песни за татковината’, тој со вознес ја гради својата национална позиција и својата национална самосвест. Стиховите на Вапцаров, овој поетски великан, се преведени на над педесет јазици во целиот светот и претставуваат блескаво поглавје на балканската лирика создавана меѓу двете светски војни.“