Револтирана од жестоките напади на власта и провладините инсталации врз кандидатката на опозицијата, професорката Билјана Ванковска прави анализа на тоа што го правела Гордана Сиљановска изминативе години.
Ванковска нема никаква дилема дека Сиљановска е најдобриот кандидат за претседател.
Целата анализа на Проф. Ванковска
Читам и слушам како ја напаѓаат Силјановска со сите арсенали, а Кежаровски дури ѝ порачува да замолчи, ѝ го одзема правото да зборува за право и правда затоа што, демек, молчела.
Знаете веќе колку ја сакам и почитувам, но за волја на вистината ќе го кажам следново:
КРИВА е што не трчаше по телевизии и не излегуваше од „фрижидер“ како мнозина (вклучувајќи ме и мене до пред четири години кога се повлеков од јавниот простор)
КРИВА е што одеше само на стручни дебати и што држеше професорски лекции и користеше научна аргументација (а не проповедаше, не мантраше и не млатеше празна слама)
КРИВА е што не’ изгради (не)наменски профил на естраден професор или експерт по општа пракса кој би се изјаснувал за се’ и сешто
КРИВА е што немаше отворено ФБ и/или Твитер
КРИВА е што не се ен-џи-о-изираше за да ја поврзат со сите можни активистички каузи
КРИВА е што не беше колумнист.
Накусо, КРИВА е што беше и остана професор и научник, што од своите јавни ангажмани не направи јавна работа заради популарност, крива е и што кога протестираше не си правеше селфи, итн. КРИВА е што не беше кариерист, и што се држеше до она што е нејзина животна и професионална вокација. КРИВА е што не изгради политичка кариера за да ѝ се најде сега во кампања, како што правеа и прават мнозина пресметани ликови
Поставете го прашањето: по што е повпечатлив ангажманот на нејзиниот противкандидат? Дали тој е олицетворение на правото и правдата? Се сеќавате ли на некоја негова несебична/неполитичка жртва и ангажман? Дали е тоа лик кој восхитува со својот независен јавен ангажман?
Конечно, ако ѝ судите на Силјановска дека наводно молчела, прашајте се колкумина од академската фела можете да наброите на прстите од рака кои зборувале, пишувале, протестирале, иницирале, итн.? Се обложувам дека 90% од професорите не ги ни познавате – што не значи дека се тоа луѓе без доблест, морална вертикала, незаслужни и неспособни да вршат државна функција! Огромното мнозинство нема да ги најдете како јужуал саспектс на ТВ дебатите секоја вечер. Познавам многу опортунисти и конформисти, но познавам и многу колеги кои велат: ЈАС НА ТЕЛЕВИЗИЈА/МЕДИУМ – НИ-КО-ГАШ! Затоа што направиле избор, решиле да бидат професори, но не нужно и јавно ангажирани интелектуалци. Можете да мислите за нив вака или онака, но не смеете да ги девалвирате, замолчувате и од нив да правите криминалци! Суштината на демократијата е правото да се биде биран на функција (локална или национална) да му припаѓа СЕКОМУ, без оглед на социјална, образовна или друга положба! Кога бираме носители на власт, не избираме активисти или јавни интелектуалци, па ни професори – избираме од личностите кои се кандидирале и кои не’ уверуваат дека компетентно и чесно ќе ја вршат функцијата. А од активисти кои завршија во фотељи, ептен видовме аир.
П.С. Патем, јас бев една од тие што му даде јавна и лична поддршка на Кежо, па се надевам нема да ми каже да замолчам.





