Ако ова помине во Британија, помислете каква поука ќе добие ЗоЗо?! Или некој иден кловн и неконтролиран авантурист Бозо…, пишува професорката Билјана Ванковска во одличната анализа за Нова Македонија.
Во паралела меѓу случувањата во Британија и македонските собитија БоЈо е Борис Џонсон а ЗоЗо е Зоран Заев:
“Демократијата – во американски или британски/европски стил – е во коматозна состојба, за што доказ се и карикатуралните ликови што испливуваат како лидери, артикулирајќи го гласот/незадоволството на народот, грабнувајќи ја шансата, без решенија, но со волја за моќ.
(Во ваква констелација, дури и нашиот ЗоЗо се вклопува добро.) Народот ја изгуби довербата во институциите и бара радикални (и брзи) решенија (или казни), дури и кога се со бумеранг-ефект на подолг рок.
(Додека ја следиме британската серија, во Германија големи шанси за победа на локалните избори во некои единици имаат партии со расистички и фашизоидни позиции.) Додека очекуваме разврска, на ум паѓаат опоменувачките реченици од книгата на Маргарет Атвуд, „Приказната на слугинката“: „Тоа се случи кога го суспендираа Уставот.
Рекоа дека тоа е само привремено. Немаше никакви протести на улиците. Луѓето останаа дома вечерта, гледајќи ТВ, очекувајќи некакви насоки. Дури немаше ни непријател кон кој би се покажало со прст“. Оние што ја читале книгата или ја следат ТВ-серијата, знаат што следува по суспензија на уставот.
Во Македонија не смееш да размислуваш гласно за ниту една меѓународна тема, а да не те треснат по глава: што си се загрижил/а за нив таму (Сирија, бегалци, Амазонија, Британија), зарем си немаме доволно проблеми? Каква кусогледост, политички аутизам и локалпатриотизам, додека дома седат пред ТВ! Пресликувајќи ја (погрешно) нашата ситуација, се поделивме и околу британскиот референдум наспроти парламентот. Секој контекст е различен, но она што ги поврзува се правилата (какви и да се, колку и да се специфични), зошто тоа е владеење на правото!
Истрауматизирани, овде мнозина во БоЈо гледаат како на демократ што ја спроведува волјата на народот, а БоЈо е само британска верзија на ЗоЗо! Забораваат дека овде референдумот беше риалити шоу за демократски привид, ниту распишан, ниту спроведен во согласност со Уставот и законите.
Вистинскиот погреб на демократијата се случи во Собранието, кога се уценуваше, поткупуваше, тргуваше со влијание и злоупотребуваше службената положба, односно кога низ нос ни се набија Преспанскиот и промената на Уставот.
Немаше опозиција да го брани парламентот (ја бранеа ЕУ), седевме дома и гледавме ТВ. Автократијата дојде тивко, на прсти… Можеби затоа што уште пред да научиме што е парламентарна демократија, веќе дојде рамковната – а, од еден пазар до друг, лесно се минува – валутата е иста.
Демократијата е првенствено процедура за носење одлуки, а кога таа е прекршена, демократијата е празна флоскула. Како со бременоста, процедурата не може да се крши „само малку“ (или со финти од типот „ќе донесеме закон на малку непопуларен начин“, како што предлагаат премиерот и министерката за правда). Не покажавме дека демократијата е доволно вредна за да се бориме за неа.
Седевме дома и гледавме ТВ или Фејсбук. Кога ќе го суспендираш/прекршиш уставот, тогаш си им дал одврзани раце да прават што сакаат! Затоа оваа фарса со јавното обвинителство е сосема неважна за народ што си поплукал на сопствениот суверенитет.
Искрено, лута сум им на странските колеги, кои се сега вознемирени до небо, а до вчера му даваа „нобел“ на ЗоЗо. Зборуваат за важноста на народниот и уставниот суверенитет, БоЈо го споредуваат со Елцин, а нам лани ни советуваа клекнување на брашно пред управување на „балкански начин“, пред купување пратеници како на сточен пазар, пренесување на народниот суверенитет во грчкиот парламент.
Оцрнувајќи нѐ како националисти, велеа дека жртвата е безначајна пред европската иднина. А сѐ што баравме беше да бидеме еднакви со нив: политичарите да одговараат пред нас (политички) и пред Уставот (правно), од нас да зависат решенијата на внатрешната (па и надворешната) политика, без странски притисоци, поткуп, коцкање на авантуристи „ал ин“ итн.
Но и натаму седиме дома и гледаме на ТВ како среде влада премиер си подава рака со сомнителен тип во интерес на семејни зделки: Македонија ќе била „суперсила во одгледување марихуана“! Биг Мајк е новиот Субрата. Во оваа калакурница е тешко да се вознемириш, Уставот е суспендиран и тоа не нѐ вознемири.
Иронично, Британија е земјата (заедно со САД и Германија) што одигра значајна улога во операцијата на дерогирањето на народниот суверенитет, како што секогаш постапувала со колонии. Форин офисот плаќаше пиар-фирми за референдумската јес-кампања, со фејк њуз и со оцрнување на сите опоненти. Тие што излегуваа оттаму, ни велеа дека ЕУ е поважна од демократијата.
Сепак, никој што се смета за демократ (и особено левичар) не смее да се радува на налудничави политики и коцкарски потези на лидери како БоЈо и ЗоЗо. Ако ова помине во Британија, помислете каква поука ќе добие ЗоЗо?! Или некој иден кловн и неконтролиран авантурист Бозо…”, пишува Ванковска за Нова Македонија.
Целата колумна тука





