„Конструкцијата на минатото во преамбулите е нужно селективно и со јасна цел: најсилна можна легитимација, утврдување на правото на постоење на државата.
Во нашиов случај, преамбулата е од пластелин, кој како ќе притисне така ќе остави свој отпечаток, ама не и носителот на власта! Уставите имаат мемориска функција, поредокот се закотвува во историјата за да ја легитимира современоста како одговор или последица на тоа минато“ пишува професорката Билјана Ванковска во нејзината денешна колумна за „Нова Македонија“.
„Кај нас доброволно се вади мемориската картичка и им се дава на хакери. Една од важните дилеми на секој устав е односот меѓу минатото и (отворањето на портите за) иднината; затоа уставите се највисоки правни акти, ама и најважни политички повелби. Сегашната политичка волја вградена во Уставот не смее да се петрифицира како да е од бога дадена, бидејќи идните генерации заслужуваат слобода да ја моделираат својата уставна архитектура во согласност со нивните потреби – ама не и на ирационалните каприци на комшиите.
(…)
Преамбулите алудираат на државен континуитет и затоа е невообичаено да се менуваат со амандмани и под притисок однадвор! Ова би била втора измена на преамбулата (првата промена настана по конфликтот од 2001-та). Амандманот е намерно „скоцкан“ и заплеткан (божем обично техничко прашање!) за граѓаните да не можат ја видат целосната верзија и орвеловската судбина на АСНОМ. Така, преамбулата од 1991 се повика на „историските одлуки на АСНОМ“, но во 2001 година зборот „историски“ се избриша како непристоен. Сега, практично, се брише и зборот „одлуки“. Се реферира на прогласот, кој (историчарите ќе потврдат) е еден вид каталог, спецификација на одлуките на АСНОМ (но, кои не смеат ни да се споменат, иако се со уставноправно значење).
Ако се потрудите за себе да го напишете новиот текст на преамбулата интегрално, излегува дека сме „свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија“.
Ова е повеќе од иронија, бидејќи е срамен историски фалсификат“.





