Ванковска: По пописот-етнички инженеринг Али, Груби и 40-те разбојници ќе продолжат со сништата додека не наидат на отпор

„Со резултатите од пописот добивме очекувано салдо на една однапред позната манипулација и меѓуетнички договор. Секој што беше и малку свесен за инженерингот испланиран уште при донесувањето на законот (ако не и порано, за време на создавањето на владината коалиција), не може да биде изненаден. Оние 7 отсто што одбија да се попишат и да легитимираат фарса, издржаа и трпат притисоци и закани, бидејќи државата точно знае кој е попишан, а кој отпишан – и како.“ – вели Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „Попишаните и отпишаните“ ,која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Ванковска пишува: „Над истурено млеко не се плаче, бесполезно е. Требаше да се реагира жестоко за да не се дозволи попис заради попис и местенка заради етнички привилегии. Слушајте ги политичките вербални акробации од типот: ‘важно е дека сепак имаме (каков-таков) попис’, ‘не сме меѓу неколкуте држави без попис, не сме Либан’, ‘пописот е според сите стандарди’. Портпаролката од Брисел објасни дека ‘северната ШИРОКО се усогласила со ‘релевантните стандарди’ за пописи. Најдалеку отиде платениот (словенечки) експерт, кој во занес ја посочи ‘брилијантната идеја’ за опфаќање на нерезидентите (дијаспората), иако тоа е незамисливо во неговата земја, во ЕУ или каде и да е во светот. ‘

„Апостол е марионета, исполнува желби на своите политички и етнички господари. Кога ќе го фатите во фрапантна манипулација (во броењето на верниците), тој вели дека луѓето се криви што не знаат дали се христијани или се православци. Прекуноќ во графата на атеистите настана „божје чудо“: бројката од 350 скокна на 8.600 (на туѓа сметка). Дали некој сериозно мисли дека ним им се важни статистичките податоци за креирање рационални и добри јавни политики? Не ме засмејувајте!“

„Пописот е најмалото зло, што му е сторено на овој народ. Тој е дел од општиот мозаик на држава, што е вејка на ветрот. Откако пропадна пописот во 2011 година (веројатно поради тврдоглавоста на Груевски), сега Ахмети немаше пречки да прогласи победа: ‘Беше тешко, но успеавме!’ Дали со ваквиот отворен став тој потврдува дека пописот немал врска со статистика, туку со етничка политика? Да, потврдува!“

„Али, Груби и 40 разбојници ќе продолжат да ја моделираат оваа аморфна маса во согласност со своите големи соништа, тоа е извесно. Сѐ додека нема отпор и сѐ додека Македонците се молат да влезат во нивната коалиција. Пописот е само шлаканица врзана на смртно болната Македонија, над која до крајот ќе се тепаат по етничка, верска и јазична основа.“ – истакнува Билјана Ванковска во својата колумна, покрај другото.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/popishanite-i-otpishanite/