Како што ми беше одвратна целата политизација на смртта (случајот со малата Тамара, на пример), така и сега ми се превртува стомакот од политизацијата на случајот со смртноста на новороденчињата.
Не е работата во тоа да се прави статистика колку починале за време на Грујо, а колку во време на Заев! Не е работата во тоа ние да судиме за она што треба да биде професионална работа на здравствените работници – проблемот е што веќе никој не им верува ни на лекарите, ни на професорите, ни на судиите…
Проблемот е видлив и од Марс: која и да е власта, таа најмалку грижа води за здравството, образованието и квалитетот на животот. И таа тенденција оди во постојана надолна линија. И нема скоро да се поправи.
Поранешна Југославија беше на самиот светски врв по примарната (детска) здравствена заштита – по 27 години „демократија“ ние станавме ко Сомалија! Зошто шокираност? Па зарем не ја гледаме општата запуштеност? Првпат станав мајка во 1983 година, а последниот беше во 1994 година. ГАК беше хорор (со исклучок на поединци кои даваа максимум од себе и во ужасно лоши услови).
Сега е многу полошо! Дури и најсиромашните од уста си тргаат за да не се пораѓаат во државните клиники. Зошто? Од страв дека бебињата и/или родилките нема да им преживеат, се разбира!
Но, важно било да го зголемиме воениот буџет до 2% од БДП за да сме влезеле во НАТО! Важно пратениците ви живеат како бубрег во лој, а всушност мозоците им се залоени. Министрите не се подобри. И после ќе се чудиме што во Македонија владее „бела смрт“, што младите или не раѓаат или бегаат што подалеку од овде…
Фејсбук статус на професорката Билјана Ванковска





