„Нам ни треба вртење НОВ лист! Белата, новата страница мора да се испише со наша рака, не под туѓ диктат и со убедување дека ‘немаме друга алтернатива’.“ – порачува универзитетската професорка Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „Меѓу старата и новата година“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Натаму, покрај другото, Ванковска пишува: Како да резимираш година на заминување, а да не западнеш во бележење на скандалите, маките по луѓето и да не се скршиш психички и емотивно пред фактот дека во заднината на сето тоа се случува геноцид? Геноцид на кој повеќемина се навикнаа како на „новото нормално“, кој е невидлив пред „скандалот“ со елката на скопскиот плоштад? Или невидлив за оние што се подготвуваат за вистинска прослава со полна трпеза, пијана глава и потрага по заборав…
Но неодамна во својот сјаен и „нуклеарен“ говор еден млад политичар кажа нешто многу важно, кое уште ми одѕвонува во главата: „Секој песимизам и пад во очај е најстрого забранет! Очајот е противреволуционерен чин!“ Според зборовите на Џорџ Орвел, кажувањето на вистината е најголемиот револуционерен чин. Некој мора да се зафати и со таа работа, со разоткривање на сите зла, особено кога пропагандата се обидува да ги разубави, ако веќе не успева да ги скрие.
Ќе споделам оригинални зборови на еден мој читател. Во една порака по мејл ми вели: „Вљубеник сум во татковината Македонија, Македонец. Демонстрираме, се буниме, штрајкуваме, протестираме, но досега не видов дека притоа некој во рацете држи барем стапови, или камшици. Камшикарот, ’првенецот’ (оној од најдолната предавничка, арамиска-бандитска класа), го бараше во гнилата Европа. Не треба да се бара помош од вистинскиот непријател на Македонија. Сега е последната шанса за опстанок на Македонија, затоа го повторувам истото прашање: ЗА КОГО ДА ГЛАСАМЕ НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ? Оти само пенкалото ни е опција за промена на оваа клика, што ни ја зароби Македонија и нема да ја испушти додека не ја исцица до смрт. Време е за силна пропаганда. Време е за македонскиот ТИТО. Не гледам друга алтернатива“.
Не е тешко да напишеш „попис“ на сите несреќи, да направиш црно салдо на маките, што ги минува овој народ. Најголема доблест, храброст и умешност е да кажеш дека нам ни треба вртење НОВ лист! Но, изборите се само непосредниот лек, тие се дел на од негата на „пациентот“/општеството и оние, што го сочинуваат. Нам ни треба отстранување на причината за болеста, од која умираат ова општество и неговиот народ.
Не се ближи „среќна Нова година“ – се ближи време кога ќе се види кој е за одржување на оваа агонија, а кој е за промена, со сопствени сили, со солидарност на луѓето од сите вери и потекла, заради опстанок на човековото достоинство, за иднината на нашите деца.
Изборите се само почеток, не се крај. Од изборот ќе зависи дали ќе останеме опашка на туѓ коњ, ограда на туѓ двор, мост на туѓа река… Мнозина се плашат од борба: она пустото за сведнатата глава, за молчењето е злато, да не биде полошо, и најапсурдното – „само мир да е“. Но прашајте се: имаме ли што да изгубиме ако тргнеме во борба за подобро утре, ама и за поинаква Македонија во поинаков свет?
Можеме да ги изгубиме само прангите во кои сме оковани! Обидете се да смените нешто, макар и во вашата работна средина, и веднаш ќе ги слушнете. Бидејќи не се свесни за прангите само луѓе, кои станале поданици и се откажале и од иднината на своите деца.
Гоце одамна им порача и на тие таму и на тие ваму: „Ние сме селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога.“ (1896).
Следната година ќе напише: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешно востание. Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите. Тој народ треба да се разбуди од петвековниот длабок сон, кој го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечката правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него.“
Нека ни е честито вртењето на новиот лист во 2024 година! А што ќе запишеме за себе во него зависи од нас самите. Ја завршувам оваа 2023 година со пораката: Секој што се смета како слободоумен и добронамерен интелектуалец има обврска да стане Ченто! Без оглед на крајниот исход.





