(…)
Западната мрежа на моќ, изградена низ институции и организации (од ОБСЕ до НАТО), но и самити на Г7, Г20, Давос итн., почива на недемократичност, нетранспарентност и коруптивност (бидејќи моќта корумпира, а апсолутната моќ корумпира апсолутно), пишува професорката Болјана ванковска во колумна за „Нова Македонија“
„Кога веќе ја спомнувам Г7, видете ја онаа иронична слика во Хирошима: на местото на злосторството, наместо да покажат каење и подготвеност да спречат нова нуклеарна катастрофа, оние што го туркаат светот кон Армагедон покажуваат мускули (и го покажуваат Зеленски). Сите нивни самити се под неверојатен степен на заштита и на оддалеченост од обичните луѓе. Од кого ли се плашат?
Само наивен човек може да мисли дека вистинските одлуки се носат во институциите и дека тоа се одлуки „за народот, од народот и за народот“.
Демократијата е празна флоскула, која капиталот и моќта ја користат како опиум за масите. Институциите се празни школки, а наредбодавците не се оние што се избираат на избори. Затоа, многу повознемирувачки се политичките одлуки што овие луѓе ги носат таму каде што дејствуваат јавно, а што отпорот е скршен и непостоен.
Тоа што го прават јавно, или она што го обелоденија Асанж и Сноуден, кажува дека ним не им требаат самити и бајачки за да прават зло и да ја злоупотребуваат моќта за приватни цели. Затоа и велам, нештата се многу позастрашувачки од приватни средби на луѓе што глумат свештеници и толкувачи на светот – проблемот е што „билдербершкиот“ стил на работа е веќе вграден во системот, кој пак се продава како демократски и либерален.
Но, за добро или за лошо, ова што го опишав и во кое ние веруваме небаре е религија е карактеристично за Западот, кој е нарцисоиден зависник од имиџот на правдољубивост и слобода, а всушност живее од експлоатација, војни и колонизација. Еве, да беа НАТО, ЕУ, банкарите, стратезите, богаташите толку моќни и навистина да ги движеа конците во оваа претстава што ја нарекуваме живот, зарем немаше да заклучите дека е тоа банда на лихвари, крвопијци, зли луѓе без емпатија за другите човечки суштества? Заклучокот ви го оставам вам“, пишува Ванкловска.






