Ванковска: „Да се обединиме наспроти Софија и да се притисне власта за прекин на преговорите ВЕДНАШ!“

„Во пресрет на последната битка со бугарскиот ултиматум сите разлики, навреди и ‘зла крв’ меѓу нас треба да ги оставиме настрана и да се обединиме околу македонизмот. Ни треба конкретен притисок врз власта за прекин на преговорите со Бугарија – ВЕДНАШ, а не охрабрување на ‘дијалогот’!“ – вели Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „Македонизмот на дело“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Ванковска пишува: „Оваа колумна е поттикната не од еден проглас колку од споменувањето на две идеи, кои досега изгледаа како неможна и забранета комбинација: обединување и македонизам. Во тој контекст тезата на иницијаторите е на место: не е важно колкумина сме, туку што у/кажуваме. Клучниот исход од таа иницијатива е отворањето полемика околу најболната точка на нашето битисување како нација. За разлика од нашата поделеност, стои монолитно албанско етничко/политичко тело (иако зад фасадата има луѓе со различни ставови, но колективната кауза има неверојатна моќ да сплоти и ‘куче и маче’). Тие немаат комплекс да кажат дека го сакаат албанството, дека се горди Албанци, па дури и дека имаат вековен сон.“

„Македонското тело е поделено до степен на атомизирање (т.е. веќе не е ни ткиво, ни молекула); сѐ што е на ‘М’ е доведено во прашање и однатре и однадвор, а уште полошо – толку е табуизирано што малкумина и се осмелуваат да зборуваат за Македонија (особено, без Северна). Видовте ли како го одбележавме 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце? Речиси со ‘герилски’ и субверзивни акции (петиција, положување цвеќиња во полициско окружување, трибина надвор од научните хали). За тоа време, Бугарија подготвила целогодишна програма, па веќе и дели книги во Европскиот парламент. ‘Нашиве’ срамежливо пелтечат, или бегаат во Брисел, за да ја ‘спасуваат’ Украина! Дојден е ножот до коска!“

„Состојбата во која сме првенствено како држава, а потоа и како македонски народ изгледа вака: 1) власта продолжува со мекотелната политика на отстапки (и лигавење); 2) анекс на договорот од 2017 не само што постои, туку оригиналниот е веќе искористена тоалетна хартија, Бугарите добиваат повеќе; 3) содржината на новиот договор нема да ја соопштат за да ‘не нѐ вознемират’ (како што велеа и пред Преспанскиот); 4) во тек е пропагандна кампања ‘за релаксирани односи’ по веќе искусениот преспански терк; 5) за тие што сториле едно велепредавство, прекршиле устав и закон, сториле кривични дела итн. во име на наводно повисоки, европски вредности, отстапница нема, особено кога мора да си го спасуваат задникот; ќе извршат и второ (го нарекуваат ‘финално решавање на спорот со Бугарија’ небаре сето досега било загревање); 6) самоубиството се одвива со т.н. ‘салама тактика’, дел по дел низ комисии (онаа едната, историската, станала хидра со девет глави), а конечниот удар треба да го изврши Собранието. Потоа, како и со Преспа, ќе тврдат дека тоа била демократски изразената волја на граѓаните.“

„Дали сме толку слаби и очајни, дали зад нас не сме оставиле ама баш никаква македонска трага, па сега парализирано го чекаме последниот удар од Софија? Софискиот удар е судбински, ама не е последен; не заборавајте ги другите соседи, вклучувајќи ја и Грција, која има свое гледање на примената на Преспанскиот договор. Нема да ги коментирам оние што ја продаваат преспанската приказна во бугарска варијанта: не преговараме за идентитетот и јазикот, ќе се помириме и со Бугарија, ќе најдеме компромис. Песимистите (или, реалистите?) алармираат дека во пресрет на последната битка (со бугарскиот ултиматум) сите разлики, навреди и ‘зла крв’ меѓу нас треба да ги оставиме настрана и да се обединиме околу македонизмот.“

„Ни треба конкретен притисок врз власта за прекин на преговорите со Бугарија – ВЕДНАШ, а не охрабрување на ‘дијалогот’! Внатрешната консолидација треба да почне и од амнестија и јавна рехабилитација на оние што се прогласeни за терористи (за разлика од рехабилитираните што сега водат државна политика). Македонизмот се гради и брани дома, низ институции што ќе бидат македонски, а не филијали на западните центри на моќ. Дури потоа ќе можеме да настапиме кон тие надвор како Македонци, а не припадници на (раскарано) и смачкано племе.“

„Што можеме да сториме? Ако државата не сака, срамота е ако не се оди на воспоставување вонинституционално тело составено од истакнати историчари, лингвисти, правници, политиколози, социолози и сл., кое ќе излезе со критички и аргументиран одговор на Меморандумот и преговарачката рамка на бугарската влада. Таквиот документ потпишан од луѓе со интегритет, биографии и познати во меѓународните кругови, би се објавил не само на македонски туку и на англиски, француски, германски и би се доставил до европската јавност. Би се побарала поддршка од познати европски интелектуалци, која би се објавила во влијателни медиуми низ светот.“

„Би се побарало раскинување на бугарскиот договор (кој има таква клаузула). Така би дејствувал колективниот интелектуалец (ако го има), кој би оставил доказ и трага дека власта е ‘разведена’ од својот народ и од колективниот ум (па и разум). Тоа би била делегитимација на предавничките политики. Тоа е обединување на колективниот ум и македонизам не само на зборови туку и на дело.“ – вели Билјана Ванковска во својата колумна, покрај другото.

Интернет – врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/makedonizmot-na-delo/