„Скршен народ, кој не верува во сопствените способности и вредности (создавани во минатото, но и денес), а уште и е убеден дека е крадец и полош од сите други околу него, не е господар на својата судбина и е на пат кон исчезнување. Си имаме огромна домашна работа: да ја рехабилитираме идејата за (република) Македонија, Македонците, национални интереси и самопочит, способност – а најмногу од сѐ, љубовта кон себе и кон својата земја. Нејзината преродба зависи од нас, а не од нив.“ – вели универзитетската професорка и политички аналитичар Билјана Ванковска во својата колумна со наслов „За себемразечките Македонци“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Ванковска пишува: „Кастрацијата’ од националните чувства е слична операција, иако не и сосема идентична со нужното губење верба во себе, порастот на дефетизмот, чувството на поразеност и неспособност (ова второто е присутно кај многу нации. Овој феномен е видлив од Хрватска до Србија, Босна итн. – но најизразен е во Македонија. Пред Албанците мора да докажеш дека она ‘македонски’ е неважно нешто, само име на една од многуте ‘заедници’“ што ја конституираат државата (како збир на заедници). АСНОМ како да нема значење. Ти мора да се гризеш за јазик за да не навредиш некого, да не те линчуваат, па почитуваш и странски знамиња, се договараш околу историјата и географијата како на пазар, мижиш и не слушаш дека си дрво без корен – за мир во куќа.“
„Потоа, мора на Грците да им се колнеш дека под Македонец, ти всушност не мислиш на ‘вистински Македонец’, како што тоа го сфаќа грчкиот налудничав мит на континуитет од Софокле до Мицотакис и Ципрас, туку така тоа е некоја бенигна локална верзија на атавистичка, фолклорна, малцинска група – која едвај чека да се прероди во европска, а дека она зад границата не се никакви Македонци . И тоа не е доволно, зошто сега треба да најдеш начин да не ги навредиш Бугарите кога ќе им кажеш дека не си македонски Бугарин, ниту бугарски Македонец – а тие, златните, вистински Европејци станале во меѓувреме, дел на европската историја и цивилизација, ама Бугарин без романтика (Македонија) не бива. Србите засега не мрчат гласно (си имаат тие други крстосници), ама ќе дојде време и за тоа и на ред ќе бидат и МПЦ и Вардарска бановина, која ќе ти ја тријат на нос, па како тие ти дале/октроирале право на самоопределување како знак на милост.“
“Проблемот не е во соседите, па дури ни во Европа (што и да значи таа). Проблемот е во отсуството на самодоверба – убеденост дека си инхерентно еднаков со сите други, дека имаш и корен и стебло и род, дека не си само пиреј, што живурка наспроти сите што го газат), оти имаш и ум и паметење, но и способности и знаење, луѓе што нема да одат на ‘баци рака’ во Калето… Другиот проблем е во систематското бришење на меморијата дека СМЕ нација и дека од АСНОМ и пред него ништо не е и не смее да биде предмет ни на разговори ни на преговори. Бришачите се оние самомразечките (божем) Македонци, чија задача пред Господарите (финансиерите) е да го внесат семето на сомнеж во себе, семето на потценување на сето она што е создадено и се создава овде (или таму) од наши луѓе со ум, креација, интелигенција и интегритет.“
„Ние немаме зошто себеси да се мразиме и самопонижуваме како недостојни, како неспособни. Скршен народ, кој не верува во сопствените способности и вредности (создавани во минатото, но и денес), а уште и е убеден дека е крадец и полош од сите други околу него, не е господар на својата судбина и е на пат кон исчезнување. Тие што се удираат в гради дека се големи Македонци, а чинат сѐ да зажалиме што сме родени на ова парче земја, се еднакво погубни за онаа Македонија што сакаме да ја имаме и градиме. Секој чесен човек често се срами од својата влада, ама не и од својата земја и народ.“
„Во моментов, имаме два (внатрешни) ‘фронта’: едниот со оние што чинат сѐ да ни се одмили македонштината како нешто заостанато и помалку вредно од сето она што го постигнале другите нации; другиот фронт е кон Македонците конформисти, со ‘малкуцка’ свиткан ‘рбет, желни да бидат ем големи патриоти ем посакувани присутни на приемите во амбасадите и европските зданија, макар и како закржлавени и лигави црви собрани околу трошките што им ги потфрлаат. Си имаме огромна домашна работа: да ја рехабилитираме идејата за (република) Македонија, Македонците, национални интереси и самопочит, способност – а најмногу од сѐ, љубовта кон себе и кон својата земја, каква и да е. Нејзината преродба зависи од нас, а не од нив.“ – заклучува Билјана Ванковска во својата колумна.
Home Македонија Ванковска: Да ги возобновиме идејата за Македонија и македонските национални интереси, самопочитта...





