Вандализиран клуб на Македонците во бугарскиот град Гоце Делчев

Непознати сторители вечерта на 27 август ја запалиле и ја стопиле пластичната реклама на Клубот „Антички Македонци“ во градот Гоце Делчев во Пиринска Македонија, притоа искинале плакат, а на нргово место ставиле карта на Голема Бугарија.



Претседателот на клубот, Иван Гаргавелов, за немилиот настан и за причинетата штета пријавил во полиција.

Во нападите на клубот на ОМО „Илинден“-ПИРИН во истиот град пред десет години полицијата одби да преземе какви било мерки, потсетуваат од непризнатата македонска партија од бугарската држава.

Клубот „Антички Македонци“ е една од двете македонски организации во Бугарија регистрирани во 2019 година и оттогаш против нив се води процес на поништување на нивната регистрација, при што членовите на клубот три пати беа повикани во полиција и принудувани да се дерегистрираат.

„Вака Бугарија се справува со своите малцинства за кои тврди дека не постојат“, велат од Обединетата македонска организација „Илинден“ – ПИРИН.