Холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг, не штедеше критики за смислата за хумор на албанскиот премиер Еди Рама, која на своја кожа ја почувствува неговиот колега Димитар Ковачевски во Солун, а предизвика жолчни реакции во Македонија.



„Премиерот Рама сака да биде кловн на Западен Балкан, со тоа што ќе му го претстави својот колега од Македонија, Ковачевски, на канцеларот Шолц како претставник на Западна Бугарија. Во минатото кога Заев/Ковачевски се сретнаа со Рама на состанок на Отворен Балкан, Рама покажуваше кон Ковачевски и се шегуваше со ‘Црна Гора’. Можеш еднаш да навредиш премиер…“, коментира Ван ден Берг на Твитер.

„Лоша шега првиот пат, но со Зоран Заев до Ковачевски (т.е. двајца претставници на Македонија) таа ‘шега’ можеше да се толерира. Сега имаше само еден македонски претставник и да го етикетираш премиерот на Македонија со ‘Западна Бугарија’ е бесчувствително, непочитување итн. Ужас“, додава Холанѓанецот.

„Како се реагира на таква тешка навреда? Нервозната смеа е дипломатско решение, но сигурен сум дека премиерот Ковачевски би претпочитал да му удри аперкат. Најдобро е да не присуствува на следниот собир на Отворен Балкан или на друг настан каде што премиерот Рама може да ги повтори своите навреди“, вели уште Ван ден Берг.

„Да беше обратно или Македонија да ја навредеше Бугарија, ќе беше свикана итна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации. ДУИ/СДСМ нема да бара извинување, како најосновен одговор, освен ако чувствата во Македонија не добијат сенародна димензија. Можеби, всушност, на 18-ти, со многумина во Македонија незадоволни“, заклучува директорот на БИП во еден од одговорите на реакциите под својот твит, мислејќи на митингот на ВМРО-ДПМНЕ.