Даниел Валчев, декан на Правниот факултет при Софискиот универзитет и поранешен министер за образование не е оптимист дека Бугарија ќе успее да ги убеди Македонците дека се Бугари поради фалсификувањето на историјата во Македонија, според него.



„Ние нема да ги убедиме дека тие се Бугари, но можеме да се обидеме да ги убедиме оти се наши браќа. Поради тешкото фалсификување на книгите и на историјата во Македонија тоа ќе биде многу тешко. Бугарија не треба да дава согласност сега за кревање на ветото, а потоа да се стигне до заемно проникнување со тие луѓе. Луѓето таму, тоа сме ние – но со поинаква историска судбина“, изјави тој за бугарската телевизија Нова њуз.

„Владата не оди во насока што ќе донесе нешто добро за Бугарија, таа ќе попушти. Ние нема да ја пуштиме Македонија, премиерот ќе ја пушти. Можеме да зборуваме за бугарско малцинство насекаде низ светот, но навредливо е да го кажуваме тоа за Македонија. Ние тврдиме дека мнозинството од луѓето таму се како нас“, додаде Валчев.

Тој го нарече неумесен гест именувањето на културниот клуб во Битола според Ванчо Михајлов, сметајќи дека посоодветно би било да го носи името на браќата Миладинови.