Германската фармацевтска компанија „Curevac“, која го привлече вниманието по веста дека американскиот претседател Доналд Трамп сакал да ја преземе за милијарда долари, најави дека вакцината за коронавирус на која работи би можела да се користи веќе наесен.



Дитмар Хоп, еден од најбогатите Германци што поседува 80 отсто од акциите на компанијата, додаде дека клиничките испитувања би можеле да стартуваат во почетокот на летото.

Поради огромниот притисок вакцината да се појави што побрзо, сопственикот на фудбалскиот клуб Хофенхајм, чие богатство се проценува на 15 милијарди долари, се надева дека германските власти ќе дадат дозвола за нејзинои користење по забрзана постапка.

Хоп појасни дека вакцината што ја развиваат може превентивно да делува на здрави луѓе, како и вакцините против сезонскиот грип, а не да се користи на болни.

„Таа би била значајна ако, на пример, пандемијата на коронавирусот следната зима би била уште посилна, од што стравуваат некои стручњаци“, изјави Хоп.

Во врска со наводниот обид за преземање од Трамп, германските медиуми објавија дека понудата била одбиена, бидејќи „сакаат вакцината да им биде достапна на сите луѓе“, а не само на Американците. Подоцна челниците на „Curevac“ демантираа дека воопшто имало понуда од Трамп.