Ужас: 46 мигранти оставени да умрат во камион во Тексас

Најмалку 46 лица се пронајдени мртви во напуштен камион на периферијата на американскиот град Сан Антонио во државата Тексас.



Од пожарникарските служби соопштија дека 16 луѓе, меѓу кои и четири деца се пренесени во болница, пренесе Би-Би-Си.

Преживеаните биле топли на допир и имале сончаница и изнемоштеност од преголема топлина.

Сан Антонио, кој се наоѓа на околу 250 километри од американско-мексиканската граница, е голема транзитна рута за криумчарење на луѓе. Криумчарите често користат камиони за да транспортираат мигранти без документација откако тие некако ќе ја преминат границата и ќе влезат во САД.

„Никој од нас не очекуваше дека кога ќе го отвориме камионот ќе видиме купишта мртви тела внатре. Никој од нас не доаѓа на работа со такво нешто на ум“, изјави шефот на локалните противпожарни служби, Чарлс Худ.

Тој додаде дека возилото, кое било напуштено од возачот, немал функционален клима уред и дека во камионот немало вода за пиење.