Увозот на работна сила не е долгорочно решение, но економијата не може да чека, aлармира Владата

Агенцијата за вработување ги издаде првите позитивни мислења за  работна дозвола за странци  до министерството за внатрешни работи. Се работи за две лица од Непал, како и за 10 лица од Пакистан. Од Бангладеш засега нема поднесени барања.



Нема да биде лесно во Македонија ни да се увезат работници од странство. Потребна е стратегија и добро планирање, зашто работата може лесно да се изјалови, велат луѓето упатени во бизнисот, по најавите на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи дека проблемот со недостигот на работници ќе се решава со „увоз“ на работна сила од Југоисточна Азија, каде што има пониска просечна плата од македонската.

Коморите  од секторите угостителство, туризам и градежништво подолго време алармираат дека во недостиг на домашна работна сила, се приморани да бараат  странски работници од далечниот исток, со барање уште повеќе да се либерализира пазарот на труд.Вицепремиерот Битиќи вели дека увозот на работна сила не е долгорочно решение, но економијата не може да чека.

Како еден од аргументите зошто би дошле странци од Далечниот Исток и од азиските земји до работа во Македонија, властите ја посочуваат платата во земјава, кое е поголема од платите во тие земји. Просечната плата во Македонија е околу 550 евра, а минималната достигна 330 евра.