Утре во граѓанскиот суд во Скопје започнува судски процес против министерот за надворешни работи Бујар Османи за клевета и навреда.
Процесот започнува по тужбата поднесена на 27 јануари 2023 година од претседателот на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права Бил Николов и ММДЧП како организација.
Тогаш беа поднесени тужби за навреда и клевета пред Основниот граѓански суд Скопје, Македонија, против Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија. Воедно беше поднесена тужба и против емисијата 360 Степени.
,,Османи и 360 Степени се гласно критични против сите кои ќе изразат несогласување со режимот и со американските анти-македонски политики, и нивното кршење на човековите права и граѓанските слободи. Тужбите се за кршење на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.
На 27 октомври 2022 година, 360 Степени објави отворено лажен, навредлив и клеветнички прилог за Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права и за претседателот на ММДЧП Бил Николов. Во интервју за БТВ, на 27 октомври 2022 година, кое беше објавено на 360 Степени на 28 октомври 2022 година, министерот за надворешни работи Бујар Османи изнесе целосно лажни, навредливи и клеветнички тврдења за ММДЧП и Николов. Османи продолжи со изнесување на целосно лажни, навредливи и клеветнички изјави и за време на неговата прес конференција на 11 ноември 2022 година.
360 Степени објавува дека во моментов прима средства од Националната фондација за демократија (НЕД), која пак потврдува дека е во најголема мерка финансирана од американскиот Конгрес. 360 Степени исто така добивал средства од американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), факт потврден од УСАИД тука, и од британската и холандската амбасада. Инсерти се достапни тука.
Режимот во Македонија беше инсталиран на власт од Соединетите Држави и и понатаму ја има нивната целосна поддршка, со цел со сила да ја спроведе нелегалната промена на името, како и други надворешно-политички цели на САД”, објави во јануари ММДЧП.
Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) активно работи на полето на човекови и национални права на Македонците и другите обесправени народи од своето основање во 1986 година, стои на сајтот на организацијата.






