Уставот ќе се отвора и за внесување на „државотворниот албански народ“, а Македонија ќе стане федерација на кантони? – пишува Свето Тоевски

Се повеќе станува јасно дека така наречениот „попис на населението“ нема врска со статистиката, туку оти е во служба на однапред сочинето сценарио против интересите на Македонија и на македонскиот народ, кое е усогласено со „Тиранската платформа“и со хегемонистичките политики на Бугарија и Грција. Овој фалсификат-„попис“ е особено усогласен со политичката агенда на ДУИ, која содржи неколку цели. Првата цел е отворање на Уставот, заради „отстранување на 20-те проценти“ што се однесува до употребата на албанскиот јазик. ДУИ, но и сите други други албански партии, бараат да биде именуван не како „јазик на 20 проценти“, туку како „албански јазик, официјален и рамноправен со македонскиот.“



Околу можната втора цел. Лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервјуто за РТВ 21 од Косово кажа дека „Албанците во с.Македонија не се малцинство, туку државотворен елемент“ и оти „Уставот ќе се отвори, заради отстранување на 20-те проценти, кои се однесуваат на албанскиот јазик“. Но, загадочна е следната реченица на Ахмети од тоа интервју: „Прашање е на време кога ќе се отвори Уставот за други промени.“ По отворањето на „јазичната врата“ во Уставот, дали првиот „интегративец“ најавува „други промени“ во смисла на внесување и на „државотворноста на албанскиот народ во Македонија“ во Уставот, што ќе предизвика неизбежно менување и на уставно-правниот и политичкиот поредок на Македонија? Дали Ахмети го најавува и впишувањето и на „бугарскиот народ што живее во Македонија“? Радев веќе побара „Бугарите во Македонија да не се третираат како малцинство“.

„Унапредена етничка децентрализација“, што ќе доведе до политичко-територијална автономија?

„Државотворноста“ значи и кантонизирање на општините со мнозинско, или целинско албанско население низ процесот на „натамошна децентрализација на општините“, како и со соодветни измени на законот на локална самоуправа, во кој би се внела одредбата за двостепена локална самоуправа. Првиот степен се општините, а вториот степен се кантоните. Државотворноста на еден народ, ако е народ во вистинската смисла на зборот, подразбира право на самоопределување и на отцепување, ако живее во одредена државна заедница. Постојат редица елементи, кои ги поврзуваат изјавата на Ахмети за „државотворноста на Албанците“ и спроведениот „попис“. Се наметнува прашањето: дали по отворањето на Уставот набргу ќе се изврши внатрешно повлекување на етничко-територијалните линии на една нова федерација, во која ќе се претвори Македонија? Ако дојде до тоа, тогаш тоа ќе го означи и внатрешниот распад на унитарната држава.

Ахмети започна да ја разоткрива политичката агенда на ДУИ и она што ќе следи во наредната фаза, веднаш по пописот. На 18 март годинава дел од таа агенда на „интегративците“ навести и Артан Груби како министер за политички систем и потпретседател на Владата. Учествувајќи на конференцијата „Форум за локална самоуправа на Западниот Балкан“ во Приштина, Груби кажа: „Продолжувајќи со спроведување на ‘Програмата за одржлив локален развој и децентрализација 2021-2026 година’, формиравме меѓусекторска група за унапредување на децентрализацијата и регионалниот развој. Ќе им бидат пренесени нови надлежности на општините и ќе биде засилена нивната независност. За нас, Албанците во Македонија, круната на децентрализацијата е остварувањето на нашите природни права. Децентрализацијата е дел на Охридскиот договор.“

Што значи децентрализацијата во случајот на Македонија објасни и Флоријан Бибер, професор по политика и историја на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, во Австрија, во својата студија со наслов „Поделбата на власта и примената на Охридскиот договор“ од 2008 година: „Автономијата може пошироко да се сфати како општинска децентрализација. Реформата на локалната самоуправа во Македонија воспостави слаба форма на територијална самоуправа за албанската заедница. Регионалното искуство од сецесионистичките движења врз основа на територијалните автономии го прават разбирлив сомнежот кон регионалните автономии на мнозинството.“ Кога децентрализацијата ќе ја премине оптималната мера и ќе задобие облик на силна територијална автономија, исчезнуваат сврзувачките нишки меѓу поодделните внатрешни елементи на државата. Таа го губи територијалниот интегритет и се распаѓа.

Ќе потсетиме дека во 1991 година во тетовската населба Мала Речица се одржа референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците, односно за основањето „автономна република Илирида“. Кога ќе се има предвид и ова тогаш станува појасно навестеното ново отворање на Уставот, за да се внесат во него официјалноста на албанскиот јазик и потоа веројатно „државотворноста“ на Албанците. Станува појасна и натамошната „етничка децентрализација“, што ја навести Артан Груби… Станува појасно и дека новиот „попис“ е само алатка за остварување на овие цели… Сите албански политички партии се обединети во барањето за „официјалност и рамноправност на албанскиот со македонскиот јазик“, а потоа и за „унапредување“ на уставно-правниот и политички статус на „државотворниот и автохтон албански народ“.

„За отворање на Уставот и за изгласување на планираните промени веќе се обезбедени 74 пратеници, а „треба само уште 6“?

Во изминативе недели барем неколкупати во медиумите на албански јазик можеше да се прочита дека „за создавање двотретинско мнозинство од 80 пратеници, заради отворање на Уставот и изгласување на поставените цели, веќе се обезбедени вкупно 74 пратеници“. На 29 март 2022 година во дебатна емисија на ТВ 21 пратеничката од ДУИ Арта Билали – Зендели нагласи: „Имаме 74 пратеници вкупно, од СДСМ и сите албански партии. Ни недостигаат уште само 6 пратеници за отворање на Уставот и за промена на статусот на албанскиот јазик: да не биде „јазик на 20 проценти“, но и да се отстрани дефинирањето на Албанците. За доброто на државата треба да се викаме албански народ, како што сме, а не „народ на 20 проценти“. Сега погледите на ДУИ и на сите други албански партии, како и на Владата и СДСМ, се вперени кон, како што е речено, „опозицијата“, во обид да се изнајде одговор на прашањето: ќе може ли од таму да се обезбедат „преостанатите 6 пратеници“, како што беше случајот со промената на Уставот за бришење на името Македонија и за изгласување на Преспанскиот договор?

Мора да се спречи можниот, или веројатен нов „уставно-политички инженеринг“, а со тоа и можното преобликување на уставниот поредок и политичкиот систем на Македонија. Раководејќи се од расположението на македонскиот народ, македонската опозиција не смее да дозволи Уставот да се претвори повторно во „етничка салата“ во функција на евентуално разбивање на унитарноста и територијалниот интегритет на државата Македонија. По спроведениот „попис“ и со новото планирано „фризирање“ на Уставот реална е можноста да стане многу подлабок и многу поопасен постојниот расцеп по етнички линии во македонското повеќеетничко општество и во македонско-албанскитe односи.