Уставен суд ја отфрли иницијативата за статутот на здружението „Иван Михајлов“

Уставниот суд ја отфрли иницијативата на политичката партија Левица со која партијата ги оспори и бараше да се поништат Статутот и програмата на бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола.



Одлуката за отфрлање на иницијативата, како што соопшти портпаролката на Уставниот суд, Христина Беловска, е согласно фактичката состојба на здружението, кое од март годинава е избришано од единствената база на податоци од Централниот регистар и повеќе не постои како правен субјект.

Левица ја поднесе иницијативата до Уставниот суд во која ги оспори и побара ништење на Статутот и програмата на бугарското здружение „Иван Михајлов“ во ноември минатата година, а предметот беше оформен кон крајот на 2022 година. Во иницијативата беше наведено оти дејствувањето на здружението е насочено кон уривање на уставниот поредок на земјава, а дека Статутот и програмата се спротивни на одредбите од Уставот и се насочени кон разгорување на национална или верска омраза и нетрпеливост.

Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола беше избришан од Централниот регистар откако одби да поднесе барање за смена на својот назив – нешто што го наложија измените во Законот за фондации и здруженија.

Законските измени, според кои бугарските клубови „Иван (Ванчо) Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид…