Со мнозинство гласови уставните судии одлучија да не покренат постапка за оценување на амнестијата која ја изгласаа пратениците за дел од обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 април. Иницијативи поднесоа Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и  адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.



Петров го спореше целиот Закон, Јошевска, пак, само членот 2, односно начинот на кој се даде амнестијата. Судија Насер Ајдари кој беше известител на иницијативите рече дека тие треба да се отфрлат.

„Уставниот суд не може да се става во улога на Собранието, туку тој одлучува дали Собранието имало уставно право да го донесе законот и затоа ваквите прашања за правото на давање амнестија се неосновани“, вели судијата Ајдари.

Амнестијата ги опфати петтемина пратеници: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, од кои првите тројца потоа гласаа и за уставните измени. Амнестирани беа и водачите на протестите „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиески-Бетмен и Владо Јовановски. Игор Дурловски, кој беше во оваа група, воопшто и не побара амнестија, но доби ослободителна пресуда.

Со амнестијата се спасија и: браќата Стефан и Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.

Пред нешто повеќе од еден месец, Уставниот суд ја отфрли иницијативата поднесена од Митко Чавков, осуден за „крвавиот четврток“ на 18 години затвор. Казнети се уште 15 лица, а исто толку се амнестирани.