Федерален судија ја осуди Ана Морган-Лојд на условна казна за учество во упадот во Капитол на 6 јануари годинава, како еден од поддржувачите на Трамп, откако таа му се извини на „американскиот народ“ за „дивјачко демонстрирање насилство“.
Окружниот судија Ројс Ц. Ламберт, ја осуди 49-годишната Морган-Лојд на тригодишна условна казна,120 часа општокорисна работа и ѝ наложи да плати 500 долари за нејзиното дело, наведувајќи дека таквата казна е поради огромно каење.
Морган-Лојд е првата осудена од речиси 500 лица кои се обвинети во врска со немирите на 6 јануари и упадот во американскиот Конгрес.
По настанот таа се пофали на Фејсбук за тоа како „упадна во Капитол“, нарекувајќи го настанот „највозбудливиот ден во мојот живот“.
Таа и еден пријател поминаа само нешто повеќе од 10 минути во ходникот во Капитол, соопшти обвинителството и не биле насилни.
Обвинителите изјавија дека Морган-Лојд помина околу два дена во затвор откако упадна во Капитол и рече дека таа целосно соработувала со органите на прогонот и подоцна изразила жалење за своите постапки.







