Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан на својот профил на „Твитер“ изрази задоволство од издејствуваниот условен старт на преговорите за членство во Европска унија за земјата што во низа твитови ја именува како „идната Северна Македонија“.



„Мило ми е што Европски совет го осветли патот кон заклучоците за проширувањето, посебно за Албанија и за идната Северна Македонија, по долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека напредокот е награден. И круцијален за сопствениот кредибилитет на ЕУ“, твитна Хан.

Одлуката што ќе ја официјализира Европски совет на самитот задутре и в петок во Брисел подразбира зелено светло за почеток на преговори со Македонија ако до јуни в година исполни четири услови: спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на договорот за името, позитивен извештај на Европска комисија и одлука на Советот на ЕУ. Самиот извештај на Комисијата, пак, треба да биде фокусиран на три области: реформа на јавната администрација, реформа на разузнавачките служби, како и судски реформи и борба против корупцијата.

Ако во следните 12 месеци се исполнат сите наведени услови, првата Меѓувладина конференција, со која и формално би почнале преговорите во кои треба да бидат отворени и затворени 35 поглавја, би се одржала до крајот на 2019 година.

„Советот прифаќа да одговори позитивно на прогресот направен во итните реформски приоритети, Пржинскиот договор и Договорот со Грција и го отвора патот кон почеток на преговори во јуни 2019 година. Во тој поглед, Советот ја подвлекува критичната потреба за ПЈРМ да продолжи да прави конкретен прогрес во итните реформски приоритети и да оствари видливи резултати во борбата против корупцијата и да го задржи реформскиот момент. Советот ја повикува Европска комисија одблиску да ги набљудува гореспоменатите напори на ПЈРМ и ќе го процени прогресот врз база на годишниот извештај. Советот потсетува дека одлуката ќе биде предмет на комплетирање од националните парламентарни процедури и одобрување од страна на Европски совет, што набрзо потоа би било проследено со првата меѓувладина конференција, зависно од напредокот“, пишува во заклучокот од денешниот состанок на Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург.