Емисиите од работата на Цементарница УСЈЕ постојано се под граничните вредности определени со закон. Од 2007 година, емисиите на Цементарница УСЈЕ се мониторираат 24 часа, 365 дена во годината од страна на независен, автоматски систем за мониторинг (вкупна прашина, SO2 и NOx), кои се контролирани од страна на надлежните органи. Компанијата не е во можност на каков било начин да влијае врз резултатите, соопштија од Цементарница УСЈЕ. Ова е нивно второ соопштение откако вчера градоначалничката на Скопје Данела Арсовска изјави дека вонреден надзор утврдил огромно загадување од цементарницата кое влијае врз квалитетот на воздухот во целиот град.

Од цементарницата додаваат дека производството запира доколку филтрите не работат и оти технолошкиот процес оневозможува работа на погонот без работа на филтрите.
„Цементарница УСЈЕ не влијае врз зголемување на присуството на ПM10 честички во воздухот. Паралелното мерење на амбиенталниот воздух (ПM10 честички) во кругот на Цементарница УСЈЕ не покажува меѓузависност со состојбите со амбиенталниот воздух измерени на други мерни станици, надвор од цементарницата. Работењето на компанијата постојано е следено од страна на Државниот инспекторат за животна средина“, наведуваат од УСЈЕ.





