Уште Уставот и името…

Дипломатски извори во Грција сметаат дека главните пречки за договорот со кој би се „затворил“ спорот меѓу Скопје и Атина се членовите од македонскиот Устав кои се сметаат за иредентистички и – името што ќе се користи дома и во странство.



Во анализа по вчерашната средба на министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас со медијаторот Метју Нимиц во Виена, денешен „Катимерини“, под наслов „Позитивни сигнали од Виена“, пишува дека истите извори велат оти Атина ќе го смета за „идеално“ доколку Скопје го измени текстот на членот 49 од својот устав, кој се однесува на граѓаните од дијаспората од ПЈРМ, така што ДА нема навестувања за иредентизам.

Весникот не пропушта да ја нагласи одушевеноста на Коѕијас, кој ја пофали „одличната работа“ што ќе обезбеди „спорот за името да биде решен”.

На заедничката прес-конференција со Нимиц, Коѕијас рече дека „ги идентификувавме главните прашања за секоја страна и се надевам дека на нашиот следен состанок ќе бидеме подготвени да направиме голем чекор“.

Нимиц, пак, во дел од кусата изјава рече дека во Виена вчера „истовремено имаше и паралелен состанок на дипломатски претставници на двете земји за решавање на наједноставните прашања“.

Кои се тие „наједоноставни прашања“ ниту тој, ниту Димитров, ниту Коѕијас не соопштија.

Но, во изјава за македонски новинари македонскиот министер Димитров оцени дека „колку поотворено и поконкретно се оди кон решавање на спорот со името, толку повеќе тешкотии излегуваат на виделина“.

Весникот „Ефимирида“ вчера, повикувајќи се на дипломатски извори, јави дека во моментот не било најважно да се најде име, туку тоа да биде erga omnes, како и тоа да биде внесено во „Уставот на Скопје“, пишува грчкиот весник.

Некои (грчки) медиуми, пак, шпекулираа дека македонската страна вчера во Виена се согласила на некои уставни измени.

Тоа беше причина синоќа да реагира шефот на македонската дипломатија.

„Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни. Јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави“, напиша на Твитер министерот Никола Димитров.

Коѕијас и Димитров повторно ќе се состанат веднаш по 8 април и велигденските празници и, доколку има напредок, можна е средба на двете страни на повисоко ниво.