Уште неизбран Ковачевски договорил средба со бугарскиот премиер Петков

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски веќе договорил средба со бугарскиот премиер Кирил Петков иако се уште не е на чело на македонската влада.



Средбата според преговарачот со Бугарија Владо Бучковски ќе се случи на средината на јануари.

Според најавата од властите Ковачевски треба да биде изгласан за премиер во Собранието на 17 или 18 јануари.

„Може да се скрати временската рамка на овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари“, изјави Бучковски за локалната македонска веб-страница „Локално“, пренесуваат бугарските медиуми.

„Во 2022 година очекувам да се постигне взаемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе се заснова на меѓусебно почитување и ќе се одржи. Бугарската блокада ќе биде укината. Почетокот на преговорите со ЕУ конечно ќе биде реалност”, рече Бучковски кој најавува дека односите меѓу Македонија и Бугарија ќе зависат и од средбата Ковачевски – Петков.