Уште едно понижување за Ковачевски: Заев му ги договара програмата на владата и министрите

Иако многумина очекуваат новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски сам да одлучува за курсот на идната влада и луѓето што треба да ги спроведуваат владините агенди тој денеска повторно дозволи премиерот во заминување да му ја диктира или во најмала рака да му каже како треба да ја турка премиерската иднина.



Во сите други европски држави премиер во заминување прави само протоколарни средби со партнерите а политичките договори ги прават наследниците.

Мешање во работата на наследникот од страна на премиер во заминување најчесто се смета за навредливо и понижување.

По консултациите на помалите коалициски партнери, денеска за програмата на идната влада на маса седнаа двата најголеми владини партнери, СДСМ и ДУИ.

Од една страна премиерот, Зоран Заев и новиот лидер на социјалдемократите Димитар Ковачевски и иден мандатар на влада, од друга страна лидерот на интегративците, Али Ахмети.

Во штурото соопштение за средбата се наведува дека таа е за консултации и размена на мислења околу програмата на новата Влада.

Зошто Заев кој пет години ја водеше владата би разговарал за програмата што треба да ја спроведува Ковачевски е крајно сомнително.

На средбата Заев – Ковачевски – Ахмети освен за владината програма се зборувало и за прераспределба на министерските места и други раководни позиции во идната влада откако СДСМ и ДУИ отстапија три министерски и исто толку заменички места за да ја добијат поддршката од Алтернатива.

Зошто за програмата на идната влада не разговараат идниот премиер и лидер на СДСМ Ковачевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети е нејасно особено што Ковачевски е тој што треба да ја води владата а за нејзината програма и кадри договорот го прави Заев.

Дали тоа значи дека Заев иако најави дека ќе биде само обичен член на СДСМ сепак ќе биде ,,сивата еминенција” ќе се види во наредниве месеци кога Ковачевски ќе треба да расчисти со моќниците во владата и бизнисот кои се блиски на Заев а кои прават огромна штета за СДСМ.