Уште еден инцидент на фамозниот лет за Берлин, причина Законот за јазици

По вчерашните патешествија на патниците на летот Скопје – Берлин кои по два сменети авиони пристигнале на својата крајна дестинација по повеќе од 4 часа доцнење, очевидци сведочат за вербален инцидент кој се случил вчера а во кој биле вклучени патници и вработени во компанијата ТАВ која стопанисува со аеродромот.



При вадењето на патниците од авионот кој со задоцнување од над 2 часа требаше да замине за Берлин и кој според капетанот имал проблеми со некои од сензорите дошло до вербална расправија меѓу неколку патници и персоналот на ТАВ.

Причината била тоа што патниците (меѓу нив и луѓе со бебиња и во иннвалидски колички) кои се враќале од авионот кој имал технички проблем не знаеле зошто дополнително мораат да чекаат во ходникот кој ги поврзува гејтовите и пистата.

Откако еден од вработените на ТАВ на дел од патниците им се обратил само на албански јазик тие побарале да добијат објаснување и на македонски јазик но не го добиле.

Вработениот во ТАВ најверојатно повикувајќи се на Законот за јазиците одбил да даде објасннување на албански јазик по што дошло до кратка вербална расправија која завршила откако во објаснувањето се вклучиле и други вработени од аеродромскиот персонал кои биле одговорни за прием, контрола на карти и испраќање на патниците на летот.

Според правилата на аеродромот персоналот на Скопскиот аеродром има обврска со патниците да комуницира на три јазици: англиски, македонски и албански, што во овој случај значи прекршување на правилата за работа на реномираната турска компанија која низ целиот свет на десетина аеродроми оперира со стотици милиони патници годишно.

Според македонскиот актуелен Закон за јазиците вработениот во ТАВ законски можел да им се обраќа на патниците само на албански затоа што според позитивните правни прописи во Македонија граѓаните не мораат да ги користат истовремено и македонскиот и албанскиот туку можат да бираат дали ќе го користат едниот или вториот службен јазик.

Патници упатени во безбедносните протоколи на скопскиот аеродром велат дека целиот аеродром е покриен со камери и дека ако сака аеродромскиот менаџмент на ТАВ може веднаш да го пронајде вработениот кој предизвикал дополнителна нервоза меѓу патниците кои и онака биле вознемирени откако морале да го напуштат авионот на Виз Ер само неколку минути пред полетување.