Завршува владината мерка за ограничување на трговската маржа на основните прехранбени производи, која беше воведена за време на кризната состојба.
Од 1 јули престанува мерката за замрзнати маржи на – лебот, шеќерот, јајцата и млечните производи. Со овој потег, државата ги препушта производителите и трговците сами да ги утврдуваат цените според пазарни услови. Граѓаните стравуваат дека викендов ќе не дочекаат нови цени на прехрамнбените производи.
„Организацијата на потрошувачите на Македонија очекува дека трговците и производителите ќе ‘тргнат во наплата’ на она што го изгубиле изминатиов период поради ограничување на маржите на прехранбените производи до први јули 2023“, вели претседателката Маријана Лончар Велкова, за порталот Пари
Од Министерството за економија се надеваат дека од почетокот на јули производителите и трговците ќе манифестираат општествено одговорно однесување.
„Доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа ќе го спроведеме. Засега ја следиме состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи. Тие цени, главно, ќе ги диктираат условите и потребата од продолжување на мерката или, пак, ќе оставиме производителите и трговците да покажат општествена одговорност кон потрошувачите по завршување на рокот на мерката“, велат од Економија.







