Новинарот Зиков vs aмбасадорот Арсовски за „Влавот“ Мерѕос

Новинарот Љупчо Зиков реагира на користењето на именката „Влавот“ за Никос Мерѕос, уредник и автор на најбројните статии во весникот „Елиниос Ворас“ од страна на првиот амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски.



„Влавот Никос Мерѕос, уредник и автор на најбројните статии во ‘Елиниос Ворас’ (во превод: Северна Грција), весник на крајната десница во периодот на 1970-тите и 1980-тите. Сите статии беа против (Социјалистичка) денес Република Македонија. Ноторно ЛАЖЕ дека разговарал со првиот претседател на Република Македонија. ПРОДАДЕНА ДУША“, напиша амбасадорот на социјалните мрежи, споделувајќи статија на Мерѕос објавена на новатв.мк.

„Почитуван Амбасадоре, го проследив постот околу Мерѕос. Ќе ми извинете и ќе ми дозволите да реагирам“, реагира на постот Зиков.

„Прво, мислам дека напоменувањето на ‘Влавот’ пред Мерѕос не е во ред, затоа што досега во Македонија не е пракса кога се во прашање Власи да се става што се… Кога не се става што се за арно и за успеси… не мора да се става ниту во вакви случаи! Ме разбирате…? Мерѕос и не е од Македонија, а неговата политичка определба и историска теза е негова слободна волја… Како многумина во Македонија.
А и Мерѕос овде не го познаваат… Јас лично сум слушал многу за тој човек и знам дека има прилично пријатели во Македонија уште од раните деведесетти, кога Македонија се осамостојуваше… и Власи, но и прилично Македонци пријатели!?! И тоа важни Македонци!?“, коментира Зиков, кој наведува дека во грчката политика се инкорпорирани голем број Власи и, исто како и Власите во Македонија, се составен дел на јавниот живот и на политичката, културната, медиумската и други сфери во сопствените држави.

Зиков реагира и на именувањето на Мерѕос како ПРОДАДЕНА ДУША заради тоа што: „Овде за тој човек јавно малку се знае … (затоа што е Грк), а второ оти тој е грчки граганин … па оттука дилемата од што, кон што и за што ја продал душата …? За кој идеал и за која држава? Тој јавно кажува дека е Грк, иако се знае дека е од влашко потекло.

Оттука споменувањето дека е Влав е непотребно, ОСОБЕНО ВО ОВИЕ МОМЕНТИ и ако се земе, со се она “продадена душа може да сугерира сосема друго нешто … што би било проблем. И не е коректно“, реагира Зиков.

Во одговорот на реакцијата амбасадорот Арсовски вели дека секогаш умеел да ги напише вистинските зборови и тоа „ВЛАВ и дека е ПРОДАДЕНА ДУША пак ќе го напишам. Има зошто“.