Управниот суд ги одби и последните четири тужби од партиите и коалициите кои имаа забелешки околу изборниот процес со што вкупниот број на прифатени тужби изнесува нулс.
На четири одделни седници, судечките совети ги одбија двете тужби од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а одбиена беше и по една од “Демократи” и од коалицијата ”Никогаш северна, само Македонија”
Со денешните одлуки, Управен ги одбива сите 185 тужби по кои расправаше во изминативе три дена, а главната причина е недостатокот на докази за какви било изборни манипулации.
Најмногу забелешки за текот на изборите имаше партијата Левица од каде правдата ја бараа преку 101 тужба, како и коалицијата “Алијанса за Албанците” и “Алтернатива”, кои поднесоа 75 тужби. Партиите најмногу се жалеле на сумирањето на резултатите, а голем дел од приговорите биле и за падот на страната на ДИК по завршувањето на изборите.
Со ваквите пресуди расчистен е патот на Државната изборна комисија за објавување на официјалните резултати од изборите.
Конечните официјални резултати Државната изборна комисија ќе ги објави утре на јавна седница. По седницата избраните пратеници ќе ги добијат и уверенијата за своите мандати.





